„Ниту едно дете да не биде оставено само во борбата против трговијата со луѓе“
Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (UNODC) ја започна кампањата Сино срце за да ја подигне свеста ширум светот за трговијата со луѓе и нејзиното влијание врз луѓето и општеството. Симболот Сино срце ја претставува солидарноста со жртвите и студеното срце на трговците, оние кои се осудуваат да тргуваат со човечки животи и судбини.
Национална комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција, за прв пат во 2021 година се приклучи кон кампањата „Сино срце“ подржувајќи ја глобалната кампања наменета за борба против трговија со луѓе на Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал.
Оваа година одбележувањето на 30ти Јули, Светскиот ден на борба против трговија со луѓе има за цел да ја подигне свеста за трговијата со деца, преку кампањата под мотото „Ниту едно дете да не биде оставено само во борбата против трговијата со луѓе“ со која што се повикува на итна и сеопфатна акција која што е од суштинско значење за заштита на ранливите групи од експлоатација и поддршка на децата жртви на трговија со луѓе.
Како што е наведено во Глобалниот извештај на UNODC за трговија со луѓе (GLOTIP), децата претставуваат голем дел од жртвите на трговија со луѓе ширум светот. 1 од 3 жртви на трговија со луѓе на глобално ниво е дете, од кои девојчињата се особено погодени од оваа форма на насилство. Децата се исклучително ранлива категорија и имаат двојно поголема веројатност да се соочат со насилство за време на трговијата со луѓе отколку возрасните.

Преку оваа кампања ви споделуваме факти од последниот Глобален извештај за трговија со луѓе, со цел информирање, подигање на свеста за трговија со деца и што треба да се направи за да се надминат предизвиците и да се превземе акција во борбата против трговијата со деца.
1. Денеска е Светски ден за борба против трговијата со луѓе. Се фокусираме на најранливите категории а тоа се децата жртви на трговија со луѓе. Секој може да помогне и да каже НЕ на трговијата со деца. Ги повикуваме сите чинители од јавниот, приватниот сектор и невладините организации да се приклучат кон кампањата и да дадат поддршка во борбата против трговијата со луѓе / деца.

2. Трговијата со деца најчесто е присутна во средини каде владее семејна дисфункција, недостаток на родителска грижа, сиромаштија, нееднаквост и недостатоци во однос на заштитата на децата. За да ја спречиме трговијата со луѓе, секој член на општеството треба да сноси одговорност и да се соочи и спротивстави на овие основни причини за појава на трговијата со луѓе.

3. Секое дете заслужува здраво и безгрижно детство. Сепак, многумина од децата се врбувани од страна на предаторите, искористувајќи ја нивната слабост и невиност. Мора да ги засилиме нашите напори за заштита на децата од различните видови на експлоатација од трговија со луѓе особено новите форми на онлајн експлоатација.

4. Трговијата со деца често е присутна и предизвикана од културолошки фактори. Адресирањето на прашањата за улогата на детето, ставовите кон детскиот труд, родовите прашања и образованието придонесуваат за намалување на ризиците од трговија со луѓе/деца. Во наредниот период, мора да се фокусираме на овие прашања за да ги заштитиме ранливите категории, односно децата.

5. Децата сочинуваат голем дел од жртвите на трговија со луѓе ширум светот. Нивното идентификување и заштита е тешко поради недостатокот на информации и ресурси. Потребни ни се подобри системи, приспособени за поддршка на жртвите и нивна заштита од трговците.

6. Во трговија со луѓе како доминантни жртви се јавуваат жените и девојчињата и затоа можеме да кажеме дека трговијата со луѓе се третира и како родово базирано насилство. Во некои области, девојчињата се третираат како предмети, често принудени на домашно ропство или сексуална експлоатација одземајќи ја нивната невиност. Справувањето со основните причини е од клучно значење за намалување на ризиците од трговија со луѓе. Ајде да работиме заедно за и да ги заштитиме нашите девојки.

7. Децата можат да бидат жртви на различни форми на трговија со луѓе:
▪️принудна работа или криминал
▪️просење
▪️незаконско посвојување
▪️регрутирање во вооружени групи
▪️сексуална експлоатација
▪️присилен брак
Државите треба да направат повеќе за да ги заштитат децата од ова грозоморно злосторство.

8. Децата потребно е итно да бидат заштитени од трговците со луѓе. Нивната ранливост ја нагласува потребата од силни мерки против трговијата со луѓе кои ги почитуваат правата и достоинството на секое дете. Ајде да се обединиме и да ставиме крај на трговијата со луѓе и да изградиме побезбеден свет за нашите деца.

9. Сајбер-просторот може да биде опасно игралиште за децата кои пристапуваат до него без соодветни заштитни мерки. Онлајн платформите, социјалните медиуми и темната мрежа претставуваат висок ризик за трговија со деца. Трговците со луѓе ги злоупотребуваат овие канали за да ја прошират својата мрежа и да дојдат до поголем број на лица. Давањето приоритет на безбедноста на интернет е од клучно значење за заштита на децата.

10. Децата имаат право да бидат деца. Наше е да ги заштитиме нивните права. Мора да направиме повеќе за да ги заштитиме децата од експлоатација и да ги поддржиме жртвите. Решавањето на основните причини за ранливоста е од клучно значење за ублажување на ризиците. Заедно, можеме да ставиме крај на трговијата со луѓе.

- #EndHumanTrafficking







