На 27 март 2025 година во Брдо при Крањ беше одржан 15-от состанок на Мрежата на национални координатори за борба против трговија со луѓе на Југоисточна Европа. Состанокот беше организиран од Министерството за внатрешни работи на Словенија со поддршка на ИЦМПД. Од Северна Македонија учество земаа Заменик националниот координатор за борба против трговија со луѓе, г-ѓа Ева Илиевска и Маја Бошњаковска – член на Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција.
На состанокот, меѓу другото, беше промовиран новиот Стратешки документ 2025-2029 на мрежата, кој ги истакнува клучните приоритети и заедничките чекори кои треба да се преземат за зајакнување на одговорот на кривичното дело трговија со луѓе. Овој стратешки документ предвидува конкретни активности за поголема координација и синергија меѓу земјите од регионот, како и воведување на нови пристапи во превенцијата и казнувањето на ова кривично дело.
Презентацијата на најновите трендови и достигнувања во борбата против трговијата со луѓе од страна на земјите од Југоисточна Европа, како и на извештајот од Европската Унија, дополнително ја нагласи важноста на интензивирањето на напорите за решавање на ова глобално прашање. Клучните наоди и препораки на г-ѓа Диана Шмит, координаторка за борба против трговија со луѓе на Европската Унија, беа во насока на давање дополнителен мотив за преземање акција за спречување и санкционирање на трговијата со луѓе.









