Должно внимание за човековите права: Преземање мерки против трговијата со луѓе и трудовата експлоатација во синџирите на снабдување

Националната координаторка за борба против трговија со луѓе, г-ѓа Магдалена Несторовска присуствуваше и со пригодно обраќање ja отвори конференцијата посветена на тема „Должното внимание за човековите права: Преземање мерки против трговијата со луѓе и трудовата експлоатација во синџирите на снабдување“.
Главниот фокус на регионалната конференција се различните пристапи при вниманието што го заслужуваат човековите права во спречувањето на трговијата со луѓе и трудовата експлоатација во синџирите на снабдување. Конференцијата се осврна на глобалните трендови и предизвици за вклучување на длабинска анализа на човековите права во правните и регулаторните рамки во Европа и на глобално ниво. Практичари и експерти од регионот придонесоа кон размена на мислења и искуства на темата, со цел идентификување на областите за дејствување кои можат да го збогатат понатамошниот дијалог на темата.
„Оваа комплексна и динамична општествено негативна појава бара сеопфатен пристап и примена на ефективни мерки за спречување, контрола, казнување на сторителите и препознавање и заштита на жртвите на овој криминал. Но, свесноста за проблемот и за тоа дека нејзината превенција и заштитата на жртвите претставува заеднички општествен интерес и наша обврска, високо е поставена на агендата во нашата држава. Во насока на превенција и спречување на трговијата со луѓе во синџирите на снабдување, потребни се иницијативи и размена на искуства и добри практики, позитивни модели, упатства и законски промени. Детектирање и конкретно адресирање на проблемите поврзани со политиките на општествено – одговорните компании, кои вршат јавни набавки во насока на почитување на човековите права од страна на приватните и јавни бизниси“, истакна г-ѓа Несторовска во своето обраќање.
Конференцијата е во организација на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Канцеларијата на Специјалниот претставник и координатор за борба против трговија со луѓе на ОБСЕ и Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција од Република Северна Македонија.