Трета Евалуациска посета на тимот на експерти за акција против трговија со луѓе на Совет на Европа ГРЕТА

Во период од 14-18 Март 2022г. во Република Северна Македонија се спроведе третиот евалуациски круг за Република Северна Македонија, согласно член 38(4) од Конвенцијата, во рамките на посетата на нашата земја од страна на тимот на експерти на ГРЕТА, предоводени од потпретседателката г-ѓа Јулија Планицер.
На средбата министерот Спасовски ја истакна владината подготвеност и стратешката определба за континуираното развивање на партнерството со граѓанскиот сектор кој е вклучен во превенција, заштита, помош и поддршка на жртвите на трговија со луѓе. Под раководство на јавните обвинители и со активно партиципирање на околу 50-тина полициски службеници, во 2018 година се воспостави посебна единица (Task Force) за криумчарење мигранти и трговија со луѓе. Изразувајќи задоволство од нивната работа, Спасовски потенцираше дека во текот на 2021 година, идентификувани се 48 жртви на трговија со луѓе, од кои 6 деца.
Во насока на исполнување на препораките на ГРЕТА, министерот Спасовски го спомена инкорпорирањето на начелото на неказнивост на жртвите на трговија со луѓе согласно Кривичниот закон, како и неодамна формираниот Оперативен тим за идентификација на жртви на трговија со луѓе, во кој покрај претставници од Министерството за внатрешни работи, Министерството за труд и социјална политика, Јавното обвинителство членуваат и претставници од невладините организации. Спасовски нагласи дека соработката со земјите од регионот, но и со целата меѓународна заедница е клучен фактор во справувањето со оваа проблематика од големи размери. За таа цел потпишан е Договор за соработка со Србија, Бугарија, Косово, а потпишувањето на договорот со Словенија е во финална фаза, додека во тек се преговори и со колегите од Грција.