Регионална конференција „Подобрување на одговорот на трговијата со луѓе со цел сексуална експлоатација, особено жени и девојчиња преку справување со побарувачката во Југоисточна Европа“

Националната координаторка за борба против трговија со луѓе, Магдалена Несторовска присуствуваше на регионална конференција „Подобрување на одговорот на трговијата со луѓе со цел сексуална експлоатација, особено жени и девојчиња преку справување со побарувачката во Југоисточна Европа“.

Регионалната конференција се одржува од 27-28 април 2023 година во Дубровник, Хрватска во организација на Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (UNODC), во соработка со Канцеларијата за човекови права и права на националните малцинства на Владата на Република Хрватска, Министерството за Европа и надворешни работи на Франција и Министерството за надворешни работи на Шведска.

Конференцијата ќе ги обедини експертите од  земјите на потекло, транзит и дестинација од поширокиот регион на Југоисточна Европа (ЈИЕ) за да ги анализираат тековните предизвици во справувањето со побарувачката што ја поттикнува трговијата со луѓе со цел сексуална експлоатација во ЈИЕ.

Целта на конференцијата е да ги поттикне земјите на потекло да спроведуваат активности во насока на намалување на побарувачката на трговија со луѓе со цел сексуална експлоатација. Конференцијата ќе послужи за дискусија на меѓународните обврски, концептуалните пристапи и политичките одговори на трговијата со луѓе и за размена на предизвици и добри практики во справувањето со истото. Од самата конференцијата ќе произлезат и конкретни активности за иден ангажман на национално и регионално ниво, вклучително и дефинирање на активностите со меѓународните организации, за справување со побарувачката поттикната од трговијата со луѓе со цел сексуална експлоатација.