Одбележување на Европскиот ден за борба против трговија со луѓе

Национална координаторка за борба против трговија со луѓе и илегална миграција м-р Магдалена Несторовска по повод одбележувањето на Европскиот ден за борба против трговија со луѓе присуствуваше со свое обраќање на повеќе настани. Со своето пригодно обраќање ја отвори 3-дневната работилница „Симулација на судење на случај на трговија со луѓе“ која Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (УНОДЦ) во соработка со Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција на Северна Македонија (НК) и Академија за судии и јавни обвинители на Република Северна Македонија се одржува во Струга.

Симулацијата на судење на случај на трговија со луѓе е организирана во рамките на проектот на УНОДЦ „ОН. Ставање крај на неказнивоста на трговците со луѓе и поддршка на правдата за жртвите на трговија со луѓе во Југоисточна Европа(ЈИЕ)“. Проектот има за цел да придонесе за зајакнување на капацитетот на националните органи за спроведување на законот и на практичарите чиј опсег на работа го сочинува идентификувањето, истражувањето, гонењето и судењето на случаите на трговија со луѓе, но и заштитата и помошта на жртвите, како и подобрувањето на прекуграничната соработка со земјите на ЈИЕ за поефикасно спречување и гонење на дејствијата и сторителите на овие кривични дела.

 

Во текот на денот Националната координаторка Несторовска ќе се обрати и ќе ја сподели поддршката на Националната комисија кон претстојната кампања и промоција на документарниот филм „Излез“, кој ја прикажува реалноста на трговијата со луѓе и доживувањата на преживеаните. Дополнително, присутните ќе имаат можност да ги изразат своите мисли, чувства и пораки поврзани со трговијата со луѓе преку уметноста и сликарството, покажувајќи дека издржливоста на преживеаните е инспирација за сите нас. Настанот „Уметност за свесност“ на кој присуствуваше м-р Несторовска, не е само создавање на убава уметност, туку има за цел да поттикне емпатија, едуцирање на заедницата и да инспирира акција за промена и одговорност за исполнување на правата на жртвите. 

 

#18October #EUantitraffickingDay #слушнигогласот