Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (UNODC) во соработка со Министерството за внатрешни работи на Република Србија и Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција- Влада на Република Северна Македонија, а со поддршка и финансирање на Министерството за надворешни работи на Кралството Шведска, ја организира првата од трите планирани три -дневни заеднички мултидисциплинарни обуки на Република Србија и Република Северна Македонија за истрага и кривично гонење на криумчарење мигранти, во периодот од 24 до 26 јануари 2023 година, во Ниш, Република Србија.
Согласно Договорот меѓу Владата на Република Србија и Владата на Република Северна Македонија за соработка во областа на борбата против криумчарење мигранти склучен на 16 декември 2019 година, оваа иницијатива има за цел спречување и борба против сите форми на криумчарење мигранти, односно подобрување на соработката, размена на искуства и добри практики со цел зајакнување на капацитетите меѓу државите потписнички.
Обуката конкретно беше насочена кон рутата на Западен Балкан, која продолжува да биде најактивната миграциска рута кон ЕУ. Целите на обуката беа да им се помогне на Србија и Северна Македонија во зајакнувањето на нивниот кривично-правен одговор на криумчарењето мигранти преку зголемено разбирање, знаење, експертиза и вештини за ефективно истражување, гонење и судење случаи на криумчарење мигранти, како и зајакнување на капацитетите помеѓу двете земји за соработка, размена на искуства и добри практики.
Обуката се состоеше од 2,5-дневен заеднички симулациски курс за обука на Србија и Северна Македонија, за група од 25 практичари, претставници на органите за спроведување на законот, судството, службите за заштита и помош, академската заедница и граѓанското општество. Обуката користеше комбинирано учење, со употреба на три модули за е-учење на УНОДЦ за криумчарење на мигранти и мултидисциплинарни и прекугранични поставки за обука во училница и на отворено засновани на симулации. Обуката опфати модули за првични проверки и стратешко планирање, улогата на специјалните истражни техники, реактивни и проактивни истраги, места на злосторство и собирање докази, мапирање на криминални мрежи, начин на работа, заплена и конфискација на приноси од криминал и финансиски истраги, меѓународна соработка , обвинителска стратегија и заштита на криумчарени мигранти.