Прв состанок на Управниот одбор за Проектот на Советот на Европа ”Превенција и борба против трговија со луѓе во Сeверна Македонија”

На 8 Јули 2019 година во просториите на Министерството за внатрешни работи се одржа првиот состанок на Управниот одбор за втората фаза на Проектот на Совет на Европа “Превенција и борба против трговија со луѓе во Северна Македонија“, кој се спроведува во рамки на Хоризонталниот инструмент на Европската Унија и Советот на Европа за Западен Балкан и Турција.

Наведениот состанок го отвори Државниот секретар во МВР и воедно и Национален Координатор за борба против трговија со луѓе и илегална миграција, М-р Магдалена Несторовска. Во своето обраќање М-р Несторовска ја подржи имплементацијата на овој проект, истакнувајќи дека целите на овој проект во потполност кореспондираат со целите утврдени во Националната Стратегија за борба против трговија и луѓе и илегална миграција. Националниот координатор М-р Несторовска посочи дека остварувањето на приоритетните цели на овој проект кои се состојат во подобрено откривање, идентификување и помош на жртвите на трговија со луѓе со цел трудова експолоатација; подобрено откривање, идентификување и помагање на децата жртви на трговија со луѓе, како и обезбедувањето на подобар пристап кон надомест на штета на жртвите на трговија со луѓе, ќе допринесат кон исполување на препораките на ГРЕТА за спроведување на Конвенцијата на Советот на Европа за акција против трговија со луѓе, како и препораките содржани во Извештајот на Европската Комисија за напредокот на Република Северна Македонија. Истовремено, реализацијата на активностите од втората фаза на наведениот проект ќе ги зајакне капацитети на државните институции, претставниците од правната фела, здравството и медиумите за подобрено делување во борбата против трговија со луѓе и заштита на жртвите.

Активностите утврдени во наведениот проект беа презентирани од страна на Г-ѓа Ана Зец, Шеф на операции на Програмската Канцеларија на Советот на Европа во Скопје, Кристина Величковска, Виш проектен офецер и Јасмина Димитрева, проектен офицер и раководител на проектот.

На наведениот состанок покрај членовите на Управниот одбор во својство на набљудувачи присуствуваа и претставници од меѓународните организации, здруженија на граѓани, претставници од стопанската комора и синдикатите во РСМ.

Претстaвниците на Управниот Одбор на наведениот состанок го усвоија Работниот План на Проектот за периодот Јули-Декември 2019 година.