30ти Јули Светски ден на борба против трговија со луѓе

30ти Јули Светски ден на борба против трговија со луѓе

Трговијата со луѓе е глобален проблем кој најчесто ги таргетира ранливите категории лица односно жените, девојчињата, мажите и момчиња од секаде на светот, а целта е единствено профитот. Трговијата со цел сексуална експлоатација е најпознатата форма на ова кривично дело. Жртвите на трговија со луѓе, покрај сексуалната експлоатација можат да бидат експлоатирани преку принудна работа во различни сектори како што се земјоделството, градежништвото, текстилна индустрија и домашно слугување. Луѓето, може да бидат принудени на криминални активности или питачење, додека други се принудени на присилни бракови или присилно отстранување на органи.

Трговците со луѓе користат насилство, уцени и емоционална манипулација, лажни агенции за вработување и лажни ветувања за образование и можности за работа се со цел да ги измамат и принудат своите жртви.

Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (UNODC) ја започна кампањата Сино срце за да ја подигне свеста ширум светот за трговијата со луѓе и нејзиното влијание врз луѓето и општеството. Симболот Сино срце ја претставува солидарноста со жртвите и студеното срце на трговците, оние кои се осудуваат да тргуваат со човечки животи и судбини.

Република Северна Македонија преку Министерството за внатрешни работи и Национална комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција, за прв пат во 2021 година се приклучи кон кампањата „Сино срце“ подржувајќи ја глобалната кампања наменета за борба против трговија со луѓе на Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал.

Оваа година кампањата се одржува под мотото „Допрете до секоја жртва на трговија со луѓе, никого не оставајте зад себе“. Борбата против трговијата со луѓе е наша заедничка одговорност. Секој има одговорност да преземе акција и да се осигура дека маката на жртвите нема да остане незабележана.

Кампањата за Светскиот ден против трговијата со луѓе 2023 година има за цел да ја подигне свеста за вознемирувачките случувања и трендови идентификувани од страна на UNODC, и ги повикува владите, органите за спроведување на законот, јавните служби и граѓанското општество, да ги подобрат нивните напори за зајакнување на превенцијата, идентификување и поддршка на жртвите и да се стави крај на неказнивоста. Глобалните кризи, конфликтите и климатските промени ги зголемуваат ризиците од трговија со луѓе. Раселувањето и социо-економските нееднаквости влијаат на милиони луѓе ширум светот, оставајќи ги ранливи на експлоатација од трговците со луѓе. Оние кои немаат правен статус, живеат во сиромаштија, имаат ограничен пристап до образование, здравствена заштита или пристојна работа, се соочуваат со дискриминација, насилство или злоупотреба или доаѓаат од маргинализирани заедници, често се примарна цел на трговците со луѓе.

Пораката која што UNODC  ја праќа преку оваа кампања е во насока на подобрување на напорите за имплементација на Протоколот за трговија со луѓе кон Конвенцијата на ОН против транснационалниот организиран криминал, вклучително и преку зајакнување на националните рамки за идентификација и заштита на жртвите на трговија со луѓе, особено за време на кризи.

Пораката за овој Светски ден против трговијата со луѓе, ја праќаме да ги зголемиме нашите напори за откривање, заштита и поддршка на преживеаните и да не оставиме жртва на трговија со луѓе зад себе. Заедно, да изградиме свет каде никој никогаш нема да може да купи, продаде или експлоатира.

Постојат многу начини да се вклучите и ВИЕ во кампањата и да преземете акција:

  • Бидете свесни

Информирајте се за трговијата со луѓе и кампањата Сино срце на www.unodc.org/blueheart

  • Бидете внимателни

Ако видите нешто што мислите дека може да биде поврзано со кривично дело трговија со луѓе, информирајте ја полицијата или повикајте локална телефонска линија за помош против трговија со луѓе 0800 11 111.

Запомнете, жртвите можат да бидат принудени на разни нешта. Може да наидете на жртва насекаде, било да е тоа на работа, патување или во вашиот приватен живот. Ако не сте сигурни, консултирајте се и информирајте ги одговорните страни наместо да ја игнорирате потенцијалната жртва.

  • Биди одговорен

Едуцираjте се околу постапката на етичка потрошувачка. Информирајте се за вашиот избор и уверете се дека производите и услугите кои ги добивате не се директно или индиректно поврзани со сексуална експлоатација, принудна работа или други форми на експлоатација на лица.

  • Бидете поддржувачи

Следете ја кампањата Сино срце на социјалните мрежи и придружете се користејќи го хаштагот #EndHumanTrafficking. Додадете го Синото срце на вашиот профил на социјалните мрежи или покажете ја вашата солидарност со жртвите на трговија со луѓе со носење на Сино срце, достапна на unodcadvocacysection@un.org.

  • Вклучете се

Дознајте што сѐ се прави во вашето опкружување и што вие можете да направите за да помогнете да се стави крај на трговијата со луѓе. Охрабрете ги сите околу вас – пријателите, семејството, деловните партнери, колегите – да се едуцираат за трговијата со луѓе. Организирајте и/или учествувајте во активности за подигање на свеста користејќи го брендирањето Сино срце, особено за Светскиот ден против трговијата со луѓе на 30 јули.

  • Бидете сочувствителни

Со донирање во Доброволниот фонд на Обединетите нации за жртви на трговија со луѓе, можете да им помогнете на преживеаните од ова злосторство да си ги вратат животите и да ја обноват својата иднина. Доверливиот фонд обезбедува витална помош и заштита на жртвите на трговија со луѓе преку специјализирани организации ширум светот: www.unodc.org/unvt