Презентирање на третата фаза на проектот на ЕУ и Совет на Европа „Зајакнување на активностите против трговија со луѓе во Северна Македонија”

Националната координаторка за борба против трговија со луѓе Магдалена Несторовска со пригодно обраќање го отвори состанокот со кој отпочна третата фаза (2023-2026) од заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа, „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“, чија цел е поддршка на земјите од Западен Балкан и Турција во процесот на усогласување со стандардите на Советот на Европа и легислативата на ЕУ.

Еден од проектите во рамки на програмата е „Зајакнување на активностите против трговија со луѓе во Северна Македонија“, кој е продолжение на проектот од програмата „Спречување и борба против трговијата со луѓе во Северна Македонија“.

Државната секретарка во своето обраќање истакна:„Продолжувањето на заедничката програма од третата фаза на проектот ‘Хоризонтален инструмент’, за нас е од особено значење, бидејќи е во насока на усогласување со стандардите на Советот на Европа и легислативата на ЕУ. Ние со гордост можеме да потврдиме дека Република Северна Македонија има на располагање широка правна рамка за борба против трговијата со луѓе, која е засилена и хармонизирана со европското законодавство и со меѓународното право и стандарди, со што е и видлива заложбата на државата во борба против овој организиран криминалитет“.

Говорејќи за поширокиот придонес на овој проект за нашата држава, државната секретарка Несторовска подвлече: „Овој проект е, исто така, особено значаен за нас како држава, бидејќи го поддржува исполнувањето на препораките на Групата експерти на Советот на Европа за акција против трговија со луѓе (ГРЕТА) од извештаите за проценка на исполнување на обврските на Северна Македонија во рамките на Конвенцијата за акција против трговијата со луѓе на Советот на Европа. Со тоа ќе се придонесе кон зајакнување на институционалните капацитети за спречување на трговијата со луѓе, заштита на жртвите како и развивање и зајакнување на националните партнерства кои се неопходни при адресирање на специфичните форми на експлоатација.“