За нас

За Националната комисија?

Националната Комисија за борба против трговија со луѓе во континиутет превзема мерки кои се во функција на подобрување на идентификацијата на жртвите на трговија со луѓе, обезбедување на нивна помош и заштита, како и поефикасно откривање на сторителите на трговијата со луѓе и нивното изнесување пред лицето на правдата.

Комисијата е формирана во 2001 година со цел да постигне повисоко ниво на ефикасност и заедничко дејствување на сите институции вклучени во борбата против трговијата со луѓе. Нејзина задача е да ја следи и анализира состојбата со трговијата со луѓе и илегалната миграција, да ги координира активностите на надлежните институции и да соработува со меѓународни  организации и здруженија на граѓани кои се вклучени во поддршка во оваа област.

Националната Комисија има интеринституционален состав, односно во нејзината работа се вклучени членови од следните институции:

– Министерство за внатрешни работи;

– Министерство за труд и социјална политика;

– Министерство за образование и наука;

– Министерство за здравство;

– Министерство за надворешни работи;

– Министерство за правда;

– Државниот инспекторат за труд

– Агенција за вработување

– Јавното Обвинителство

– Судот

Кој помага во работата на Комисијата?

Со цел ефикасно извршување на активностите на Комисијата во 2003 година се формирани оперативните тела Секретаријат и Подгрупа за борба против трговија со деца, со задача да ги извршуваат одлуките на Комисијата во состав од претставници на државни институции, амбасади, претставници на меѓународни организации и здруженија на граѓани кои активно се вклучени во бробата против трговијата со луѓе и илегалната миграција.

Националниот механизам за упатување (НМУ) за лица кои биле жртви на трговија со луѓе за прв пат е воспоставен во 2005 година и институционализиран во 2009 година преку воспоставување на Канцеларијата на НМУ во рамките на Секторот за еднакви можности при Министерството за труд и социјална политика. Канцеларијата го координира упатувањето на идентификуваните жртви кон помош, сместување, заштита, реинтеграција и социјална инклузија.

Што е досега сработено?

Во изминатите две децении националните власти преземаа важни чекори за да го подобрат одговорот против трговијата со луѓе. Конвенцијата и Протоколите од Палермо за борба против трговија со луѓе и пристап за ефективна борба против транснационалниот организиран криминал и трговија со луѓе се ратификувани во 2004 година, како и Конвенцијата на Советот на Европа за борба против трговија со Ратификувана е во 2009година. Протоколот на ООН против трговија со луѓе е ратификуван во 2005 година, како и Конвенцијата на ООН за правата на детето и бројни релевантни конвенции на МОТ за присилна работа, најлоши форми на работа на деца и трудова инспекција.

Трговијата со луѓе во Северна Македонија стана кривично дело во февруари, 2002 година кога членот 418-а со наслов „Трговија со луѓе“ беше додаден во Кривичниот законик (КЗ), Криучмарење мигранти (член 418-б) и Организирање група за поттикнување и извршување на делата трговија со луѓе и криумчарење мигранти (418-в) во 2004 година како и Трговија со малолетно лице (418-г) во 2008 година. Членовите 418(а) и (г) од КЗ ги забрануваат сите форми на трговија со луѓе/деца, вклучувајќи и принудно просење и принуден криминалитет и пропишуваат минимална казна од четири години затвор за трговија со луѓе и 12 години затвор за трговија со деца. Во 2018 година во КЗ беше инкорпориран принципот на неказнување за жртвите на трговија на луѓе при нивната вклученост во незаконски дејствија за времетраењето на делото трговија со луѓе/дете, додека во 2020 година изготвен е Предлог Закон за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство кој е во собраниска процедура.

Со првата Стратегија за борба против трговијата со луѓе и илегалната миграција изработена во 2006 година за прв пат се утврдени насоките и националните приоритети за борба против овие криминални феномени. Стратегијата беше надополнета со два акциски плана, а еден од нив беше од големо значење за борбата против трговија со деца. Оттогаш се спроведени четири стратешки циклуси. Значајно е да се истакне дека во 2007 изработени се Стандардни Оперативни Процедури за постапување со жртвите кои беа ревидирани во 2010 и 2018година.  Во 2005 година формиран е Центар за жртви на трговија со луѓе и сексуално насилство кој во 2011 година е институционализиран под капата на Министерството за труд и социјална политика.

На иницијатива на Комисијата, воспоставувањето на Националниот известувач за трговија со луѓе и илегална миграција во рамките на Канцеларијата на Народниот правобранител е едно од клучните достигнувања во поглед на независно, вонинституционално видување, следење и оценување на состојбата со ТЛ во РСМ.

Заради јакнење на националните капацитети и зголемување на ефикасноста на полицијата и обвинителството во сузбивањето на организираните форми на криумчарење мигранти и трговија со луѓе во 2018 година формирана е Национална единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе (Task Force). Националната единица е официјално воспоставена со потпишување на Меморандум за соработка во областа на сузбивањето на организираните форми на криумчарење мигранти, меѓу Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство на РСМ. Претставник од Националната единица учествува и во работата на мобилни тимови за идентификација на ранливи категории, вклучително и жртви на трговијата со луѓе, кои се формирани во 2018 година со меморандум за соработка помеѓу МВР и МТСП, со што се обезбедува координација и соработка меѓу овие две структури за поефикасна и навремена идентификација на ранливите категории лица.

Преку создавањето на локалните комисии во општините се насочуваме кон децентрализација на Националната комисија и зајакнување на националниот одговор на локално ниво.

Најважна придобивка и успех во работата е постојаната и отворена комуникација со сите релевантни домашни и меѓународни партнери кои можат да помогнат во подобрувањето на борбата против трговијата со луѓе.  За справување со овој вид криминал неопходна е меѓусебна соработка на државите од регионот и ЕУ, оддтука Р.С.Македонија склучи билатерални договори и протоколи со државите во регионот (Србија, Бугарија, Албанија, Црна Гора и Косово), како и учество на мрежите на координатори од регионот и пошироко.

Кои се нашите водечки меѓународни партнери и граѓански здруженија?

Во 20 годишното работење во соработка со партнерите, беа реализирани голем број на успешни проекти чија заслуга во најголем дел се должи на посветеноста кон проблематиката како и кон партнерскиот однос на Националната комисија со меѓународните организации.

Клучни меѓународни партнери во нашето досегашно работење ни се: Меѓународнта Организација за Миграции (ИОМ), Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Меѓународниот Центар за развој на миграциски политики (ИЦМПД), МАРРИ, УНХЦР, Гермаснкото друштво за интернационална соработка (ГИЗ), Програмска канцеларија на Совет на Европа во Скопје, Делегацијата на Европска Унија, УНИЦЕФ,  Амбасадата на САД во Скопје.

Голема поддршка и посветеност во борбата против трговијата со луѓе во изминатите години добивме од Отворена Порта/Ла Страда, Македонско здружение на млади правници, За среќно детство, Семпер – Битола, Еднаков Пристап, Црвен Крст, Детската амбасада МЕЃАШИ, РАЖМ Лулуди, СОС Детско село Скопје и сите други организации и кои несебично  помагаа изминатиот период.

Главните активности во земјава главно беа насочени кон: истражните активности за пронаоѓање и казнување на трговците со луѓе, идентификација и заштита на жртвите, како и реализирање на голем број превентивни активности со цел подигнување на свеста кај граѓаните и намалување на регрутацијата на идни жртви.

Какви се нашите визии и планови за иднината?

Да ги охрабриме судиите и обвинителите да ги забрзаат истражните и судски процеси за трговците со луѓе и криучарите на мигранти и истите да ги казнат колку што е можно построго.

Преку локалните комисии, да бидеме уште повеќе присутни во локалните заедници кои се регрутни бази за жртви на трговија со луѓе во Македонија.

Да се создадат услови за поефикасна и ефективна работа на Националната единица и мобилните тимови во насока на координиран и воедначен пристап преку воспоставување на Оперативен тим за координација и управување со случаи на трговија со луѓе, формална идентификација и нејзин статус.

Да им го направиме полесен и позадоволен животот на жртвите по нивната експлоатација и идентификација, вклучувајќи ги во реинтеграциски процеси.

Да донесеме новата законска регулатива за обештетување на жртвите од трговија со луѓе со правичен надоместок од страна на државата.

20 години – Факти и бројки за трговијата со луѓе во Р.С. Македонија

Р. С. Македонија претставува земја на потекло, земја-транзит  и дестинација на тргуваните лица. Низ годините се бележат значителни промени и нови трендови во трговијата со луѓе. Според статистичките податоци, во првата деценија жртвите најчесто беа странски државјанки, млади жени и девојки (16-35г), трудово и сексуално експлоатирани во угостителски објекти во севрените и северо-западните делови на нашата земја. Додека во втората деценија би можеле да кажеме дека во најголем дел се работи за деца жртви (70%) на возраст од 9 до 17 години, домашни жртви од ранлива категорија, кои потекнуваат од севрените и северо-западните делови на нашата земја, трудово и сексуално експлоатирани во приватни објекти или на јавни места. Во однос на родова застапеност повеќето жртви се жени. Жените најчесто се жртви на двојна експлоатација (сексуално искористување и трудова експлоатација и во изминатата деценија зголемена е појавата на договорени/присилни бракови). Просечна врозраст на жртвите на трговија е околу 24 години, додека кај децата е околу 15 години. Жртвите во најчест случај се тргувани за период од неколку недели до две години.