Работна средба во Секторот за внатрешни работи Штип

Делегација од Министерството за внатрешни работи предводена од државната секретарка м-р Магдалена Несторовска, денеска беше во работна посета на Секторот за внатрешни работи Штип. Во составот на делегацијата учествуваа претставници од полицијата, криминалистичката полиција и претставник од женската секција на Македонскиот полициски синдикат. На средбата се направи краток пресек на состојбата во областа на трговијата со луѓе, семејното насилство, малолетничката деликвенција, со посебен осврт на специфичната положба на жените и децата како жртви на трговијата со луѓе.

Во рамки на одбележувањето на неделата за борба против трговија со луѓе и 16 дена активизам во борбата против семејното насилство, на работната средба се согледаа предизвиците со кои се соочуваат раководството и вработените во Секторот за внатрешни работи Штип, при имплементацијата на кривично правниот и граѓанскиот концепт на борба против семејното насилство, со особен акцент на улогата на полицијата при заштита на жртвите од овој вид на насилство.

Како Национален координатор за борба против трговијата со луѓе и илегална миграција, државната секретарка ја искористи средбата да се запознае со состојбата во борбата против трговијата со луѓе во овој дел од државата, со спецификите на случаите во изминатиот период, активностите на TASK FORCE, како и со потребите и предизвиците со кои се соочуваат вработените во извршување на секојдневните активности.