Националната координаторка за борба против трговија со луѓе и илегална миграција и државна секретарка м-р Магдалена Несторовска заедно со членовите на Националната Комисија, со настан го одбележаа Европскиот ден за борба против трговија со луѓе преку јубилејна промоција на работата на Националната комисија во изминатите 20 години. Настанот беше одржан во комбиниран формат, преку присуство на дел од членовите на Националната комисија во Министерството за внатрешни работи и преку електронската платформа зум, каде можеше да се проследи овој настан од страна на пошироката стручна јавност.
На настанот свое обраќање имаше м-р Несторовска која меѓу другото констатира дека „нашата борба и нашето внимание против ова зло на човештвото, трговијата со луѓе, не може и не смее да заврши тука. Ние како Национална Комисија ќе продолжиме со несмален интензитет заедно со сите чинители да работиме, прво на полето на подигање на јавната свест и превенција со цел да обезбедиме што поголема видливост на жртвите на трговија со луѓе. Поголемата видливост значи поголема превенција и обезбедување поголема заштита на жртвите. Тоа подразбира ефикасни истраги и кривичен прогон и соодветно санкционирање на сторителите. Сето ова преставува одговор на државата за обезбедување на полесен и побрз пристап до правдата, за адекватно обештетување со цел жртвите да продолжат со своите животи. Само ваквиот комплексен пристап на државните органи заедно со меѓународните организации и здруженија на граѓани, може да ни гарантира успешни резултати во борбата против трговијата со луѓе.„
Во продолжение на настанот, се дискутираше за улогата на Националната единица во борба против трговијата со луѓе и свое обраќање во овој дел имаа раководителот и помошник раководителот на Националната единица за сузбивање криумчарење на мигранти и трговија со луѓе. Претставникот од Министерството за труд и социјална политика се обрати на настанот во однос на улогата на Министерството за труд и социјална правда во борбата против трговијата со луѓе. На настанот присуствуваа и со свои обраќања го одбележаа овој јубилеј шефицата на Канцеларијата на Меѓународната организација за миграција (ИОМ) во Скопје и претседателката на Здружението на граѓани Отворена Порта.