Државниот секретар на МВР, м-р Несторовска, учествуваше на Регионалната конференција на тема „Подобро управување на миграциите” во Приштина

На 4 и 5 декември во Приштина, Косово, се одржа Регионалната конференција на тема „Подобро управување на миграциите”, на која како панелист учествуваше државната секретарка на Министерството за внатрешни работи, а воедно и Национална координаторка на Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција, м-р Магдалена Несторовска, која имаше обраќање на панелот посветен на борбата против трговијата со луѓе.

Конференцијата  се спроведува од страна на Регионалната иницијатива за миграции, азил и бегалци (МАРРИ) и Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ), а е финансирана  од Министерството за економија на Сојузна Република Германија и претставува завршница на шесте работилници организирани во секоја од земјите учеснички на Регионалната иницијатива за миграции, азил и бегалци, на тема „Зајакнување на регионалниот дијалог и соработка во полето на миграцијата“. Учесниците на конференцијата се претставници на администрациите на МАРРИ, како и претставници од граѓанското општество и академската заедница.

„Вакво сложено прашање како што е прашањето за борба против трговија со луѓе бара мултиинституционален пристап и заедничко дејствување, а пред сѐ подигање на свеста за препознавање на овој проблем меѓу локалното население. Сето ова, во комбинација со добри законодавна основа и рамка би требало да доведе до подобри резултати во борбата против трговијата со луѓе“, истакна м-р Несторовска во своето обраќање.

Конференцијата беше одлична можност за претставување на наодите и резултатите од шесте работилници, како и на дел од проектите во кои МАРРИ е вклучена.