За нас

Кои сме ние?

Владата на Република Македонија реагирајќи одлучно против трговијата со луѓе и илегалната миграција, со цел да постигне повисоко ниво на ефикасност и заедничко дејствување во борбата против овие појави во Република Македонија, во месец март 2001-ва година донесе Одлука за формирање на Национална комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција на Република Македонија. Согласно оваа Одлука, Владата донесе Решение за именување на Национален Координатор и членови на Националната комисија.

Нашите главни цели се:

  • да ја следиме и анализираме состојбата со трговијата со луѓе и илегалната миграција,

  • да ги координираме активностите на надлежните институции и

  • да соработуваме со меѓународни и невладини организации кои се вклучени во решавањето на проблеми од областа на трговијата со луѓе.

Националната Комисија има интеринституционален состав, односно во нејзината работа се вклучени членови од следните институции:

  • Министерство за внатрешни работи;

  • Министерство за труд и социјална политика;

  • Министерство за образование и наука;

  • Министерство за здравство;

  • Министерство за надворешни работи;

  • Министерство за правда;

  • Јавното Обвинителство;

  • Судство;

Кој ни помага во нашата работа?

 Во 2003-та година, со цел поефикасно извршување на активностите на Комисијата формиран е Секретаријат на Комисијата како и Подгрупа за борба против трговија со деца. Нивната задача е да ги извршуваат одлуките на Комисијата и активно да ја координираат соработката со меѓународните и невладините организации кои се вклучени во борбата против трговија со луѓе.

Што е досега сработено?

 Националната Комисија од почетокот на нејзината работа од 2001-ва година до денес  иницираше и предлагаше до Владата повеќе измени на Кривичниот Законик и други закони со цел поефикасно гонење на трговците со луѓе, како и пружање на заштита на жртвите од овие кривични дела. По воведување на кривичното дело трговија со луѓе во 2002-ва година до денес во Кривичниот Законик  инкриминирани се и делата криумчарење мигранти, организирање на група за поттикнување и извршување на дела трговија со луѓе и криумчарење мигранти како и трговија со малолетно лице. Понатаму, донесени се Стандардни Оперативни Процедури за постапување со жртвите, формиран е државен центар за прифаќање и засолнување на жртви на трговија со луѓе, реализирани се неколку национални акциони планови со активности, реализирани се огромен број на обуки и целосно институционализирање на Националниот Механизам за упатување и канцеларијата на Националниот Координатор. Најважна наша придобивка е постојаната и отворена комуникација со сите релевантни домашни и меѓународни партнери кои можат да ни помогнат во подобрувањето на борбата против трговијата со луѓе.

Кои се нашите водечки меѓународни партнери?

Во нашиот период на работење остваривме голем број на успешни проекти чија заслуга во најголем дел се должи на партнерскиот однос на Националната Комисија со меѓународните организации. Клучни партнери во нашето досегашно работење се:

  • Меѓународна oрганизација за миграции – ИОМ

  • Мисијата на ОБСЕ во Скопје

  • Канцеларијата на високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации – УНХЦР

  • Меѓународен центар за развој на миграциски политики – ИЦМПД

  • Германско друштво за меѓународна соработка – ГИЗ

  • Амбасада на САД во Скопје

Какви се нашите визии и планови за иднината?

  • Да ги охрабриме судиите и обвинителите да ги забрзаат истражните и судски процеси за трговците со луѓе и криумчарите на мигранти и истите да ги казнат колку што е можно построго.

  • Да бидеме уште повеќе присутни во локалните заедници кои се регрутни бази за жртви на трговија со луѓе во Република Македонија.

  • Да им го направиме полесен и позадоволен животот на жртвите по нивната експлоатација со вклучување во процеси на реинтеграција.

  • Национален механизам за упатување (НМУ)

Основата на механизмите за борбата против трговијата со луѓе е Националниот механизам за упатување на жртви на трговија со луѓе кој е основан во 2005-та година со поддршка на мисијата на ОБСЕ во Скопје и работи под покровителство на Министерството за труд и социјална политика на Република Македонија.

Мандатот на Националниот механизам за упатување е да обезбеди адекватна идентификација, помош и заштита, засновани врз меѓународните стандарди за човекови права за жртви на трговија со луѓе, особено малолетни лица без оглед на националноста, етничката припадност, возраста или полот.Националниот механизам за упатување ја опфаќа Координативната канцеларија и вкупно 61 професионалец од 30 центри за социјална работа низ Р. Македонија како и еден претставник од Завод за социјални дејности. Професионалците од Националниот механизам за упатување тесно соработуваат со МВР/ЕТЛ и КМ, со релевантни претставници од здруженија на граѓани и други засегнати страни во процесот на упатување и помош на жртвите на трговија со луѓе. Успешната соработка овозможува систем на упатување без недостатоци[1].

[1] Министерство за труд и социјална политика на Република Македонија, проект Национален механизам за упатување, финален извештај за напредокот, 15 јануари 2008.