Република Македонија, домаќин на Конференција за справување со трговија со луѓе долж Западно-балканската рута

СКОПЈЕ, 27 октомври 2016 година

Регионалната конференција, организирана од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, со поддршка на Канцеларијата на Специјалниот претставник и координатор за борба против трговија со луѓе на ОБСЕ, како и Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција на Р. Македонија, има за цел да поттикне поконструктивен дијалог за трговијата со луѓе во земјите погодени од миграцискиот бран.

Регионалната дводневна конференција на ОБСЕ во Скопје започна со промовирање на синергија и заеднички пристап во справувањето со трговијата со луѓе долж Западно-балканската миграциска рута, воедно и повик за посилна регионална акција против трговијата со луѓе. На Конференцијата присуствуваа околу 60 претставници на националните власти, граѓанското општество и Мисиите на ОБСЕ во Југоисточна Европа.

“Ние имаме заедничка одговорност да обезбедиме хуман и достоинствен третман, како и меѓународна заштита на луѓето изложени на ризик и да ги заштитиме од злоупотреба, експлоатација, криумчарење и трговија со луѓе,” рече Нина Суомалаинен, Шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Мадина Јарбусинова, Специјален претставник на ОБСЕ и координатор за борба против трговија со луѓе, истакна: “Во контекст на сегашната миграција и бегалска криза, посебен акцент треба да се стави на зајакнување на координиран одговор, зголемување на капацитетот на националните власти и подигнување на свеста кај мигрантите и бегалците за ризиците да бидат жртви на трговија и експлоатација.

Искрено се надевам, дека координаторите против трговијата со луѓе, сега на регионално ниво, ќе ги обноват своите заложби за борба против криминалот на трговија со луѓе во контекст на тековната миграција.”

Дискусијата за време на дводневната конференција ќе се фокусира на ранливоста на миграциската популација и ризикот од трговија со луѓе, предизвиците и можностите за заеднички пристап кон идентификација на жртвите и изнаоѓање на начини да се засили сеопфатниот и ефективниот регионален одговор за овие кривични дела.

На вториот ден од конференцијата се очекува да биде прифатена заедничката декларација од страна на националните координатори против трговија со луѓе од земјите на Западен Балкан, која ќе служи како основа за зајакнување на регионалната соработка и одговор во борбата против трговијата со луѓе.